„Алкалоид“ го освојува британскиот пазар: Проектиран извоз од 4 милиони евра до крајот на 2026 година

„Алкалоид“ го освојува британскиот пазар: Проектиран извоз од 4 милиони евра до крајот на 2026 година

Британскиот амбасадор во Скопје, Н.Е. Метју Лосон, оствари официјална работна посета на производствените капацитети на „Алкалоид“ АД Скопје. На средбата со Генералниот директор и Претседател на УО, Живко Мукаетов, беа разгледани клучните стратешки насоки на компанијата, вклучувајќи ги извозот, капиталните вложувања и примената на современите ESG-стандарди за општествена одговорност и одржлив развој.

Делегацијата ги посети производствените погони на Фармација и Институтот за истражување и развој, каде беше презентирано богатото портфолио на компанијата. Соработката со Обединетото Кралство за „Алкалоид“ е од стратешко значење уште од 2007 година, кога британската Агенција за лекови (MHRA) ги верификуваше производствените капацитети со сертификат за ЕУ-стандарди, што го отвори патот за првите пласмани на македонски лекови на овој пазар.

Како одговор на излезот на Велика Британија од Европската Унија, „Алкалоид“ во 2021 година ја основаше подружницата Alkaloid UK Limited. Овој чекор овозможи директно присуство на еден од најстрого регулираните фармацевтски пазари во светот. Проценките се дека до крајот на 2026 година, извозот на фармацевтски производи на „Алкалоид“ во Британија ќе достигне вредност од околу 4 милиони евра.

Од 2023 година, компанијата е активен член на Британската бизнис-асоцијација (ББА), која во соработка со амбасадата работи на зајакнување на транспарентната и конкурентна бизнис-средина. Денес, со над 1.000 дозволи за пласман во ЕУ, „Алкалоид“ продолжува да се позиционира како иновативен и одговорен глобален играч, посветен на највисоките светски стандарди во фармацијата.

Асоцијација (03 јуни 2026)