Кривична пријава за поранешен градоначалник на Дебрца поради злоупотреба на службена положба и овластување

Кривична пријава за поранешен градоначалник на Дебрца поради злоупотреба на службена положба и овластување

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против З.Н. (60) од село Волино, поранешен градоначалник на општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавениот се товари дека во периодот од 2017 до 2025 година, додека ја извршувал функцијата градоначалник, со пропуштање на должен надзор постапил спротивно на законските надлежности за собирање на локалните даноци.

Истрагата покажала дека тој во овој повеќегодишен период не утврдил кои правни и физички лица се сопственици, корисници или носители на право на располагање со недвижен имот на територијата на општина Дебрца кои подлежат на обврска за плаќање данок на имот.

Исто така, пријавениот пропуштил да изврши реоданочување на соодветните имоти согласно прописите. Со ваквото невнимателно работење и пропуштање на законските дејствија, поранешниот прв човек на општината оневозможил прилив на средства во локалната каса и ја оштетил општина Дебрца за вкупен износ од 431.245 денари, односно околу 7.000 евра.

Асоцијација (10 јуни 2026)