Две градинки во Општина Карпош ќе добијат фотонапонски централи

Две градинки во Општина Карпош ќе добијат фотонапонски централи
Сподели:

Советот на Општина Карпош на својата 16-та седница даде зелено светло за реализација на проектот „Karposh Sustainable Housing Lab“, кој има за цел да ја зголеми енергетската ефикасност и значајно да ги намали емисиите на јаглерод диоксид во општинските установи.

Вкупната вредност на проектот е поддржана со грант од 3,3 милиони денари, при што Општина Карпош учествува со сопствени средства во износ од 350.000 денари.

Со донесената одлука, фотонапонски електроцентрали за производство на струја од сонцето ќе бидат поставени на два детски објекти на територијата на општината. Првата фотонапонска централа со моќност до 13 kWp ќе биде поставена на објектот „Ѕвездички“ во склоп на ЈУОДГ „Орце Николов“ во населбата Карпош 2. Втората соларна централа со капацитет до 9 kWp ќе се инсталира на објектот „Виножито“ при ЈУОДГ „Распеана Младост“ во Бардовци.

Покрај зеленото светло за соларните панели во градинките, општинските советници донесоа и повеќе други важни одлуки за заедницата. Советот изгласа хуманитарна помош во износ од 150.000 денари наменета за Општина Гостивар, а беше дадена и поддршка за процедурата за формирање Локално собрание на млади.

На истата седница беа прифатени и неколку донации наменети за подобрување на условите во општинските основни училишта. Станува збор за донација за целосна санација на покривната конструкција во ООУ „Владо Тасевски“, како и донација за комплетно опремување на сензорна соба во ООУ „Лазо Трповски“.