КХВ ја одобри понудата за преземање на Стопанска Банка Битола од Алта Банка

КХВ ја одобри понудата за преземање на Стопанска Банка Битола од Алта Банка

Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 65-тата седница со која претседаваше Претседателката на КХВ М-р Бујаре Абази, донесе Решение со кое на “АЛТА БАНКА" АД Белград, Р. Србија и се издава дозвола за давање понуда за преземање на "Стопанска банка” АД Битола.

Понудата за преземање се однесува на 371.538 обични акции со право на глас издадени од "Стопанска банка” АД Битола, кои заедно со 19.439 обични акции со право на глас кои ги поседуваат преземачот и лицата со кој тој дејствува заеднички претставуваат 100% од нејзината основна главнина. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 3.777 денари по акција.

Според преземачот, понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 273.795 обични акции кои претставуваат 70,03% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од ”Стопанска банка“ АД Битола. При тоа, преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички со него би поседувале 75% плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од “Стопанска банка" АД Битола.

На седницата што се одржа на 10 септември, 2025 година, Комисијата донесе Решение со кое на "ТТК Банка” АД Скопје и даде одобрение да ја издаде третата емисија на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на приватна понуда. Предмет на понудата се 1.000 корпоративни обврзници на кои продажната цена им е еднаква на номиналната и се нудат по цена од 1.000 евра за обврзница. Вкупната вредност на понудата изнесува 1.000.000 евра. Рокот на достасување на обврзниците ќе изнесува 6 години, при што главницата ќе се исплати наеднаш, заедно со последната исплата на каматата на крајот на рокот на доспевање. Каматната стапка на капиталниот инструмент ќе изнесува 5% фиксна за целиот период, чија пресметка ќе се врши еднаш годишно во денарска противвредност сметано од денот на настанатиот прилив на парични срества во Банката. Првата исплата на каматата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на настанатиот прилив на парични средства во банката. Kупувачи на корпоративните обврзници се 14 физички лица и едно правно лице, сите од Република Северна Македонија.

Исто така, КХВ по завршена јавна расправа го усвои Правилникот за видовите на високоликвидните финансиски инструменти во кои овластен депозитар може да ги вложува своите средства.

КХВ ја одобри понудата за преземање на Стопанска Банка Битола од Алта Банка