Макпрогрес ќе ги намали цените за 10% на 114 производи на компанијата

Макпрогрес ќе ги намали цените за 10% на 114 производи на компанијата

Компанијата Макпрогрес од Виница издаде официјално соопштение за јавноста, доставувајќи нови детали во врска со неодамнешниот пожар што ја зафати фабриката.

Сите што беа повредени и хоспитализирани се пуштени дома и се чувствуваат добро. Еден од пожарникарите останува и вечерва хоспитализиран и неговата состојба е добра и се следи од здравствените служби и од тимот за грижа на Макпрогрес.

Кон крајот на месец Септември, Макпрогрес ќе организира настан за благодарност и солидарност каде ќе им укаже признанија на сите херои инволвирани во интервенцијата за гасење на пожарот.

Надлежните институции интензивно работат на проценки за причините и последиците од пожарот и повторно се апелира да се почекаат на официјалните известувања од надлежните органи.

Кризниот штаб на компанијата ги прави сите неопходни активности за да од понеделник, 15.09.2025 година, сите останати фабричките капацитети освен опожарените да бидат пуштени во редовна работа. Како сопственици и менаџмент секогаш биле поткрепа и поддршка за вработените. Денес сите вработени на Макпрогрес се сплотија и обединија во една визија, мотивација и желба за реобнова и повторно издигање на фабриката и почнаа со работа на средување, чистење и дезинфекција на производните капацитети како би можеле од понеделник да започнат со редовно производство. Компанијата успеа да се реорганизира со производните можности и од следната недела сите производи ќе ги има во достапни количини освен категориите Наполитан вафли и вафел барови Премиер, Вафрета и Алми за кои сеуште се бараат можности како најбрзо би можеле да се вратат во производство и на пазарите.

Од компанијата бескрајно се благодарни на целата јавност за повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за поддршка на компанијата преку купување на производите од индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, како и за огромната поддршка од Стопанската Комора, клиентите, соработниците, партнерите, целата бизнис заедница, како и владата и повеќето институции. Овој амбиент на поддршка е силно мотивирачки компанијата да опстои во намерите да ја подигне Винчини во уште помодерна и поуспешна домашна индустрија.

Компанијата ќе изврши трајно намалување од 10% на цените на 114 производи од брендовите Роки Винчини, Сончева Долина, Натура и Фантазија, како и акциско намалување на 12 производи од Винчини во висина од 10% за време на месец септември. Во следниве денови ова намалување треба да биде видливо во малопродажната мрежа. За Макпрогрес периодот што следи е период на опстанок на работните места и овие намалувања на цените се допринос кон вработените и потрошувачите кои ја даваат неизмерната поддршка. Отпочнаа со преговори за набавка на машини и опрема од неколку светски реномирани производители и во наредниот период се очекува да потпишување договори за набавка на опрема со цел обнова на фабричките капацитети.

За денес е планирано потпишување договор за кредитно задолжување со цел отпочнување на ре-обнова на производните капацитети. Во понатамошниот период ќе следи и дополнително задолжување за набавка на машини и опрема за фабриката.

Во петок, во Стопанската комора ќе се одржи средба со водечките ланци на маркети и пошироката бизнис заедница како би се презентирал план за ре-обнова и ќе се дискутира за можностите за поддршка од страна на малопродажбата во насока на поттикнување на поголема продажба на производите на Макпрогрес, но и обратно, како Макпрогрес да се вклучи во зголемување на соработката со маркетите а со цел задржување на сите работните места и задржување на животниот стандард на вработените.

Макпрогрес ќе ги намали цените за 10% на 114 производи на компанијата