Целосно е обновен одделот за Неврофизиологија на Клиниката за неврологија

Целосно е обновен одделот за Неврофизиологија на Клиниката за неврологија
Сподели:

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што официјално беше пуштен во употреба целосно обновениот оддел за Неврофизиологија.

Проектот опфаќа реконструкција и модернизација на простор од над 800 квадратни метри. Во рамките на овој зафат се целосно реновирани амбулантите, кабинетите и стационарот, кои се опремени со нова медицинска опрема и современи системи за климатизација. Покрај унапредувањето на условите, скратен е и патот на пациентите за дијагностика и рехабилитација преку воведување нов простор за рехабилитација и кабинет за когнитивен тренинг, што е од клучна важност за лицата со Паркинсонова болест и други невродегенеративни заболувања.

За време на посетата, премиерот Мицкоски изјави дека реновирањето на објекти што со децении биле запоставени претставува директен влог во поквалитетна нега за граѓаните. Тој посочи дека здравството останува еден од врвните владини приоритети и најави дека во следниот период фокусот ќе биде ставен врз реконструкција на целокупниот систем, со акцент на Клиничкиот центар во Штип, Клиничката болница во Тетово и Здравствениот дом во Кичево.

Премиерот дополнително истакна дека се работи на проект за консолидација на општите и заеднички служби при Клиничкиот центар во Скопје, како и на проекти за зголемување на енергетската ефикасност на зградите во комплексот. Владата продолжува и со активностите за обезбедување соодветна локација за изградба на нов современ Клинички центар.