Поддршката на инвестицискиот циклус мора да се одвива паралелно со спроведувањето на постепена фискална консолидација, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Регионалната конференција „Охрид 2026“. Таа истакна дека во десет последователни квартали во континуитет е забележана стапка на економски раст од околу и над 3 проценти, додека во последниот квартал е остварен раст од 4,3 проценти, што потврдува дека домашната економија се движи во позитивна насока.
За време на панел-дискусијата посветена на фискалната отпорност и буџетските приоритети, министерката посочи дека балансирањето меѓу фискалната дисциплина и поддршката на капиталот било еден од најголемите предизвици при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот. Според неа, Владата донела одлука за контролирано поместување на буџетскиот дефицит во нагорна линија, со цел најголем дел од тие средства да се насочат кон финансирање проекти што создаваат дополнителна вредност за економијата, притоа внимателно управувајќи и со приходната страна.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека фискалната консолидација останува приоритет поради нејзиниот директен ефект врз кредитниот рејтинг и идното ниво на каматните стапки, но подвлече дека постигнувањето на целите за дефицит под 3 проценти и јавен долг под 60 проценти од БДП не смее да оди на штета на инвестициите. Податоците за второто тримесечје покажуваат дека трговските и капиталните вложувања се главен двигател на бруто-домашниот производ, што претставува значајно подобрување во споредба со почетокот на 2024 година, кога стапката на раст изнесуваше 1,6 проценти.
Во однос на приватниот сектор, министерката подвлече дека државата продолжува да ги поддржува компаниите преку Развојната банка и Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Таа најави можни измени во законската регулатива со цел дополнително зајакнување на домашните капацитети, истакнувајќи дека економијата не треба долговремено да се потпира исклучиво на странските инвестиции од минатото, а значаен поттик за севкупните реформи ќе даде и реализацијата на Планот за раст на Европската Унија.

