Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започна нова фаза во процесот за институционална заштита и промоција на македонскиот рубин со формирање специјализирана Комисија, чија цел е воспоставување функционален систем што ќе го гарантира неговото потекло, квалитет и пазарен статус.
На работната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, новоформираната Комисија, директорот на Геолошкиот завод Ивица Андов и претставници од Државниот завод за индустриска сопственост беа утврдени клучните приоритети за управување со овој минерал. Новиот систем предвидува сертифицирање, изработка на регистар на овластени производители и обработувачи, воспоставување евиденција за количините и движењето, како и спречување злоупотреби и лажно претставување на други минерали.
Министерката Божиновска истакна дека целта е од овој природен геолошки уникат да се создаде препознатлив nationalen бренд со јасни правила и стандарди. Со вклучувањето на Државниот завод за индустриска сопственост и Геолошкиот завод, под чија надлежност ќе функционира Комисијата, се поврзуваат геолошката експертиза, рударската регулатива и правната заштита, што ќе овозможи заштита на географскиот назив и спроведување активности за меѓународна афирмација.
Македонскиот рубин е препознатлив по својата карактеристична малиново-розева боја поради присуството на хром во кристалната структура и најчесто се наоѓа во регионот на Прилеп и Мариово. Со воспоставувањето на овој затворен систем на контролирано искористување, сертификација и брендирање, државата цели да го заштити рубинот и да му овозможи контролиран пазарен настап во земјата и во странство.

