Најбројни странски туристи се гостите од Турција, Србија и Германија: Во јули остварени речиси 800 илјади ноќевања

Најбројни странски туристи се гостите од Турција, Србија и Германија: Во јули остварени речиси 800 илјади ноќевања
Сподели:

Вкупно 223.711 туристи во јули 2026 година оствариле 795.083 ноќевања во сместувачките капацитети во државата, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во однос на структурата на гостите, од вкупниот број туристи во јули, 57 проценти биле странски посетители, додека 43 проценти се домашни туристи. Сепак, кај вкупниот број ноќевања најголем удел од 67,2 проценти оствариле домашните гости, додека на странските туристи отпаѓаат 32,8 проценти од реализираните ноќевања.

Кумулативните податоци за периодот јануари-јули, во споредба со истиот период од минатата година, покажуваат раст на вкупниот број туристи за 1,5 проценти. Притоа, кај домашните гости е забележано зголемување од 1,8 проценти, а кај странските туристи за 1,3 проценти. Во истиот седуммесечен период, вкупниот број ноќевања бележи благ раст од 0,5 проценти, при што кај странските туристи има зголемување од 2,0 проценти, додека кај домашните е евидентиран пад од 1 процент.

Анализирано според земјата на потекло, во јули годинава најбројни биле туристите од Турција со реализирани 50.955 посети. По нив следат гостите од Србија со 13.074 посети, од Германија со 5.393, како и туристите од Романија со 5.090 остварени посети.