„Костал“ со нова инвестиција од 30 милиони евра и 200 нови работни места во Охрид

„Костал“ со нова инвестиција од 30 милиони евра и 200 нови работни места во Охрид

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети компанијата „Костал Македонија“ во Охрид, каде беше најавен нов инвестициски циклус вреден над 30 милиони евра за следната година, со кој ќе се отворат 200 нови работни места.

Посетата ја истакна заложбата на Владата за поддршка на странските инвеститори и развојните цели на компанијата, која планира до 2027 година да достигне извоз и обрт од над 300 милиони евра.

Извршниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, потврди дека и покрај стагнацијата на автомобилскиот пазар, компанијата одлучила да продолжи со планот за инвестиции и развој.

„Костал“ го проширува своето портфолио на клиенти и производи со дополнителните 30 милиони евра инвестиции, а целта е до 2027 година да биде една од трите најголеми фабрики-извозници во македонската индустрија.

Мизо нагласи дека новите 200 вработувања ќе опфатат работници во производство, како и технички лица – инженери и луѓе во административни дејности, очекувајќи позитивен ефект не само за охридско-струшкиот регион, туку и за целата држава.

Премиерот Мицкоски го изрази своето задоволство од довербата што „Костал“, како семеен бизнис со голема традиција и годишен обрт од околу 3,5 милијарди евра на ниво на групација, ја покажува кон Охрид и Македонија.

Следете ги најновите вести на Viber
„Костал“ со нова инвестиција од 30 милиони евра и 200 нови работни места во Охрид