Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против полицискиот службеник Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Полицискиот службеник е осомничен за кривичното дело „тешка кражба“ по член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 и член 22 „соизвршителство“ од Кривичниот законик.
Според пријавата, осомничениот Н.А. во повеќе наврати, во периодот од 5 јануари до 7 мај 2025 година, во претходен меѓусебен договор и заедничко дејствување со три други лица од Скопје, противправно одзеле туѓи подвижни предмети. Предметите на кражбата биле бакарни кабли – јавни инсталации кои содржат бакар, одземени од објекти на акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика во Скопје.
По поднесувањето на кривичната пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, на осомничениот полициски службеник му е одреден 30-дневен притвор.
Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, покрај кривичната постапка, ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против Н.А. Како задолжителна мерка, против него ќе биде изречена и мерка отстранување од работното место – суспензија.