Општина Бутел започна со примена на мерката за одржување на комуналниот ред и заштита на јавните површини преку пуштање во работа на службата на комунални редари. Службата е распоредена и активна на територијата на сите населени места во рамките на општината.
Униформираните комунални редари се опремени со службено возило и ќе вршат секојдневни теренски обиколки и контроли.
Главните задачи на комуналните редари опфаќаат надзор над комуналниот ред, одржување на јавната чистота, заштита на општинскиот имот и јавните површини, како и спречување на вандализам и несовесно однесување.
За зголемување на ефикасноста и брза реакција на терен, Општина Бутел отвори и посебна телефонска линија на бројот 076 202 793, преку која граѓаните ќе можат директно да пријавуваат комунални проблеми и констатирани неправилности.

