Премиерот Христијан Мицкоски, на Самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“, истакна дека државата успешно се справува со економските предизвици и бележи стабилни макроекономски резултати. Според премиерот, веќе шест квартали по ред Македонија остварува реален раст на БДП од над 3,5%, додека номиналниот раст изнесува над 7,5%.
Мицкоски посочи дека и покрај предизвиците како конфликтот во Заливот, владината стратегија на „економија на обем“ дала резултати. Тој информираше дека според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд, номиналниот БДП на државата годинава ќе достигне околу 22.000 милијарди долари. Ова претставува трикратно поголемо зголемување на номиналниот бруто домашен производ за период од две години, во споредба со претходниот шестгодишен циклус.
Како главен темел за иден економски развој, премиерот го истакна инфраструктурното и енергетското поврзување. Фокусот на Владата останува завршувањето на Коридорот 8 и модернизацијата на Коридорот 10. Мицкоски најави дека есенва започнува реконструкцијата на пругата Табановце – Гевгелија, а до првата половина на следната година се очекува финализирање на гасниот интерконектор со Грција, како и почеток на изградбата на северниот интерконектор со Србија.
Во однос на евроинтеграциите, Мицкоски порача дека Владата избира пат на квалитет и достоинство наместо брзи и понижувачки решенија. Тој ја повика организацијата „Македонија 2025“ да биде гласен амбасадор на македонската вистина во светските центри, нагласувајќи дека обединувањето на сите структури е клучно за зачувување на државните интереси и економскиот просперитет.







