Лани во земјава се родени 15.850 деца: Бројот на новородени бебиња е намален за 1,3%

Лани во земјава се родени 15.850 деца: Бројот на новородени бебиња е намален за 1,3%

Во текот на 2025 година во Македонија се родени вкупно 15.932 деца, од кои 15.850 се живородени, а 82 се мртвородени, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Овие бројки нотираат продолжување на негативниот демографски тренд, со оглед на тоа што бројот на живородените деца е намален за 1,3% во споредба со претходната година.

Во структурата според полот, машките деца имаат поголемо учество со 51,7%, што значи дека на секои 100 живородени женски деца се раѓаат 106,9 машки деца. Статистиката исто така покажува дека според месецот на раѓање, најмногу бебиња се регистрирани во текот на јули, кога биле живородени 1.531 дете.

Податоците на Државниот завод за статистика нудат детален увид и во возраста на мајките, при што најголемо учество од 31,7% имаат живородените деца од мајки на возраст меѓу 25 и 29 години. Како најфреквентна генерациска година на раѓање на мајките се појавува 1995 година. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во земјава изнесува 29,8 години, додека просечната возраст на прворотките е евидентирана на 28,2 години. Меѓу останатите показатели, ДЗС нотира дека во текот на 2025 година се регистрирани и 15 живородени деца од малолетни мајки на возраст под 15 години.

Во однос на брачниот статус на родителите, бројот на вонбрачни живородени деца изнесува 1.868. Оваа бројка претставува удел од 11,8% од вкупниот број на живородените деца во извештајната година, додека останатиот дел од децата се родени во рамките на брачните заедници.

Асоцијација (10 јуни 2026)