Николоски оствари средба со претставници на туристичката групација „Корендон“ за воспоставување нови летови и привлекување туристи

Николоски оствари средба со претставници на туристичката групација „Корендон“ за воспоставување нови летови и привлекување туристи
Сподели:

Министерот за транспорт, Александар Николоски, оствари работна средба со претставници на меѓународната туристичка групација „Корендон“, една од најголемите во Европа. Во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на соработката во областа на авиосообраќајот, привлекувањето странски туристи и потенцијалните инвестиции во домашната туристичка инфраструктура.

За време на средбата, вицепремиерот Николоски ги истакна потенцијалите на земјава како атрактивна дестинација, нагласувајќи дека Македонија бележи раст од 40 проценти на патници во доаѓање во авиосообраќајот и преку 20 проценти зголемување на бројот на странски туристи.

Тој посочи дека веќе се договорени 28 нови дестинации и дека целта на Владата е овој позитивен тренд да се претвори во нови директни авиолинии, поголем прилив на гости и нови странски вложувања. Подобрата авиоповрзаност и отворањето на нови пазари беа посочени како клучни фактори за понатамошниот развој на домашниот туризам.

Групацијата „Корендон“ е меѓу трите водечки туроператори во Холандија и Белгија и нуди пакет-патувања до повеќе од 50 дестинации низ светот. Покрај туроператорските услуги, компанијата располага со сопствена флота од над 40 авиони кои летаат под знамињата на Холандија, Малта и Турција.

На годишно ниво нивните туроператорски услуги ги користат околу 850.000 клиенти, додека авиокомпанијата „Корендон ерлајнс“ превезува меѓу 6 и 10 милиони патници. На средбата беше заклучено дека постои реален простор за идна соработка преку воспоставување нови воздушни врски и носење туристи од Западна Европа во Македонија.