Министерството за финансии префрли нов трансфер во износ од 176,5 милиони денари, односно 2,9 милиони евра, од централниот Буџет кон Развојната банка за директна поддршка на инвестициски проекти во домашните компании.
Со оваа најнова уплата, вкупната владина поддршка наменета за домашниот бизнис-сектор достигна 14,7 милијарди денари или околу 239 милиони евра. Во државниот Буџет за оваа намена се планирани вкупно 250 милиони евра, кои треба да послужат како силен поттик за нов инвестициски циклус во приватниот сектор.
Овие финансиски средства се обезбедени преку договорот што Владата го склучи со унгарската Експорт-импорт банка. Парите се пласираат до крајните корисници и домашните компании преку Развојната банка и мрежата на деловните банки во земјава.
За домашните бизниси се обезбедени исклучително поволни услови за кредитирање. Финансиската поддршка се доделува со фиксна каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и вклучен грејс-период до 3 години, што овозможува олеснето планирање и реализација на долгорочни капитални инвестиции.

