Меѓународната агенција за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на државата на ниво „ББ+“ со стабилен изглед, нотирајќи ги позитивните перспективи за економски раст, силната инвестициска активност и реформските процеси поврзани со евроинтеграциите.
Во најновиот извештај на Агенцијата се констатира дека домашната економија покажува отпорност, при што реалниот економски раст забрза на 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година, поддржан од позитивните резултати во градежништвото и преработувачката индустрија. Аналитичарите на „Фич“ дадоа позитивна оценка за динамиката на капиталните расходи, кои во периодот јануари-јули бележат раст од 40 проценти на годишно ниво, благодарение на реализацијата на крупните инфраструктурни проекти како Коридорот 8 и Коридорот 10д.
Како клучни фактори што го одржуваат рејтингот, „Фич“ ги издвојува подобрите показатели за управување и повисокиот бруто-домашен производ по жител во споредба со земјите со сличен профил, како и релативно поволната структура на долгот поради големото учество на мултилатерални и билатерални кредитори. Агенцијата очекува бруто-долгот на општата влада да се стабилизира на просечно ниво од 52,7 проценти од БДП во периодот 2026-2028 година, истовремено нотирајќи ги реформските активности за подобрување на наплатата на приходите преку е-фактурирањето и целосната апликација на Законот за буџети.
Од Министерството за финансии истакнуваат дека оваа потврда претставува значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари за стабилноста на македонските економски политики и најавуваат продолжување на мерките за одржлив раст, инфраструктурни вложувања и постепена фискална консолидација.

