„Страбаг“ и „Дуна Асфалт“ ќе го градат автопатот Букојчани - Кичево: Рокот за изградба е четири години

„Страбаг“ и „Дуна Асфалт“ ќе го градат автопатот Букојчани - Кичево: Рокот за изградба е четири години

Со свечено поставување на камен-темелник, официјално започна изградбата на новата автопатска делница Букојчани (Долно Строгомиште) - Кичево, во должина од околу 11,5 километри, како дел од стратешки важниот Коридор 8. На настанот присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, како и претставници на дипломатскиот кор и изведувачите.

Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, истакна дека од денес оваа делница престанува да биде само проект на хартија и станува реално градилиште. Делницата е поделена на два дела: Долно Строгомиште - Црвевци во должина од 4,98 километри и Црвевци - Кичево во должина од 6,53 километри. Проектот опфаќа изградба на 5 мостови, 2 вијадукти, 4 надпатници, 9 подпатници, 6 плочести пропусти, тунелот „Колибари“ со должина од 370 метри, како и клучките „Строгомиште“ и „Кичево Север“.

Рокот за изградба изнесува 48 месеци, а работите ги изведува конзорциумот составен од романскиот „Страбаг С.Р.Л.“ и унгарскиот „Дуна Асфалт ЗРТ“, со финансирање преку заем и грант од Европската банка за обнова и развој.

За надзор над изградбата на автопатската делница Кичево - Букојчани е избран Конзорциумот предводен од Градежен Институт Македонија АД Скопје како лидер на конзорциумот, ДИВИ Македонија ДОО Скопје, како член, и ГЕИНГ ДОО Скопје, како член на конзорциумот.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, нагласи дека ова е шести автопат што во моментов се гради во државата и оти оваа делница е исклучително важна за да му даде целосна смисла на Коридорот 8 и на целокупното автопатско поврзување меѓу Скопје и Охрид.

- Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Се работи за терен кој е планински, исклучително тежок и бара многу знаење и искуство. Убеден сум дека изведувачите ќе завршат одлична работа и дека во предвидениот рок од 4 години проектот ќе биде завршен, истакна Николоски.

Тој појасни дека новата сообраќајница е проектирана со две сообраќајни ленти во секоја насока со ширина од по 3,5 метри, помошни ленти за запирање од по 2,75 метри и проектна брзина од 110 до 130 километри на час. Николоски додаде дека почетокот на изградбата е дел од развојната визија од 2024 година за позиционирање на Македонија како крстосница меѓу Коридорот 8 и Коридорот 10, преку силни инвестиции во патна и железничка инфраструктура.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето обраќање посочи дека без оваа секција сите останати инфраструктурни зафати немале целосна смисла, бидејќи сега се заокружува проектот кој го поврзува Охрид со главниот град. Тој ја потенцираше владината стратегија за развој на земјата врз основа на четири столба: патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.

Премиерот најави дека првата делница од автопатот Кичево - Охрид, од Извор до Врбјани, се очекува многу скоро да биде пуштена во употреба, додека целата делница од Кичево до Охрид ќе биде пуштена најдоцна во првата половина од 2027 година. Исто така, следната година се очекува пуштање на гасоводот со јужниот сосед, пуштање на првите километри од Коридорот 10Д, како и напредок во сите други стратешки проекти.

Во делот на економијата, премиерот Мицкоски истакна дека наспроти предизвиците, македонската економија бележи значајни резултати, со раст на БДП од 4,3% во вториот квартал на 2026 година, што ја вбројува земјата меѓу првите пет во Европа, како и стабилизирана инфлација во третиот квартал на просечни 2,5%, што е за 25% помалку од просекот во Европската Унија. Дополнително, ДЗС изврши корекција на БДП за 2024 година од 3% на 3,8%, со што јавниот долг е намален од 61% на 57,4%, а кредитниот рејтинг останува стабилен со тенденција на раст.