Министерството за внатрешни работи учествуваше во меѓународната оперативна акција „TRIGGER X“, спроведена во организација на ИНТЕРПОЛ во периодот од 22 јуни до 5 јули 2026 година. Носител на активностите во македонското МВР беше Одделот за криминалистичка полиција преку Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, додека координацијата се одвиваше преку Националното централно биро на ИНТЕРПОЛ - Скопје.
Во акцијата се вклучени повеќе организациски единици на Бирото за јавна безбедност и Царинската управа, со примарна цел сузбивање на прекуграничниот криминал, спречување на нелегалната трговија со огнено оружје и муниција, како и контрола на стрелачки клубови, цивилни стрелишта, ловни друштва и правни лица што вршат промет со оружје.
За време на оперативните активности се извршени проверки на 548 селектирани лица и 382 патнички и товарни возила, додека во базите на податоци се проверени над 500 лица и 300 возила. Во предоперативната фаза се пронајдени четири пиштоли, три рачни бомби, рамки и муниција, додека во оперативната фаза се спроведени 35 претреси при што се одземени 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција за кои се преземаат мерки за кривична постапка, 10 минско-експлозивни средства, како и дополнително оружје и муниција за управна постапка.
На граничните премини се лишени од слобода две лица, од кои едно на „Табановце“ за сомнение за кривично дело по член 215 од Кривичниот законик и едно лице на стоп-листа на „Меџитлија“. Дополнително, се спроведени вонредни контроли во стрелачки клубови и стрелишта на подрачјата на Скопје, Битола и Прилеп, со што МВР уште еднаш го потврди активниот придонес кон зајакнување на меѓународната полициска соработка и борбата против прекуграничниот криминал.

