Николоски: Во Македонија фалат добри хотели, во главниот туристички центар нема хотели со пет ѕвезди

Николоски: Во Македонија фалат добри хотели, во главниот туристички центар нема хотели со пет ѕвезди

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска на трибината „Автопат Е-75 Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“ истакна дека Македонија има огромен потенцијал за развој на туризмот, но предупреди дека недостатокот на добри хотели и бавните урбанистички процедури ја кочат експанзијата на овој сектор.

Николоски посочи дека земјата веќе бележи успех во привлекувањето посетители, нагласувајќи дека Македонија е меѓу ретките држави со двоцифрен раст на бројот на туристи.

„За само една година, воведена е 21 директна авио дестинација од европските метрополи, а само лани преку Македонија транзитирале преку 10 милиони патници. Ова доволно кажува за посветеноста на Владата за развој на туризмот,“ изјави Николоски.

Вицепремиерот нагласи дека потенцијалите за развој на туризмот долж Коридор 10 се огромни, но главниот предизвик останува како транзитните туристи да се задржат подолго во земјата.

Како предуслов за зголемување на туристичките посети, тој ги истакна:

- Изградбата на брзата пруга: Со тоа, од центарот на Скопје до центарот на Солун туристите ќе се превезуваат за час и дваесетина минути, што се очекува да ја зголеми искористеноста на железницата.

- Винската индустрија: Владата силно ги помага земјоделците, а винската индустрија бележи најдобри цени. Отворањето на мали винарии во Тиквешијата веќе привлекува транзитни туристи.

- Археолошкиот локалитет Стоби: На вчерашната седница на Влада е усвоена одлука Министерството за транспорт да финансира целосно урбанистичко решение за Стоби, со цел локалитетот да стане далеку поатрактивен.

Николоски ја отвори темата за недостиг на сместувачки капацитети, потенцирајќи дека на државата ѝ фалат хотели и повеќе добри хотели.

„Во моментов сме во една ситуација кога е комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, посебно во заштитените подрачја. Практично невозможно е да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот туристички центар да нема хотели со пет ѕвезди,“ истакна Николоски.

Вицепремиерот ја повика јавноста на размислување за стратегија како да се поедностави процедурата за изградба на хотели и да се привлечат инвеститори, особено долж Коридор 10 и во заштитените подрачја, каде што сегашните ограничувања ја кочат изградбата на квалитетни капацитети.

Трибината беше организирана од Министерството за култура и туризам, а на неа учествуваа и министерот Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.

Следете ги најновите вести на Viber
Николоски: Во Македонија фалат добри хотели, во главниот туристички центар нема хотели со пет ѕвезди