Започна изградбата на мега парк во Бутел кој ќе се простира на површина од 8000м2

Започна изградбата на мега парк во Бутел кој ќе се простира на површина од 8000м2

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска го означија почетокот на изградбата на мега паркот во Бутел. Овој проект е првиот што започнува со реализација од предизборната програма на градоначалникот Ѓорѓиевски.

Запуштениот простор долж булеварот „Христијан Тодоровски - Карпош“ ќе се трансформира во модерен и функционален зелен простор со површина од 8.000 м², кој ќе содржи богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони, наменети за сите возрасти.

Овој парк е еден од четирите мега паркови ветени во програмата, а дополнително се планира изградба на околу 50 мали паркови во сите скопски општини.

Градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека во Бутел, паралелно со паркот, следува и голем инфраструктурен бран. Како дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје, ќе се изгради кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, со цел постигнување поголема безбедност и визија за град со нула фатални несреќи до 2030 година.

Паралелно со тоа, ќе следи целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“ со нов асфалт, модерни пешачки патеки, улично осветлување и атмосферска канализација која треба да го реши долгогодишниот проблем со поплави.

Меѓу поголемите проекти кои наскоро ќе започнат се и реконструкцијата на Стар Качанички пат, развојот на Економската зона Визбегово и ревитализацијата на реката Серава со уредени зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки.

Следете ги најновите вести на Viber
Започна изградбата на мега парк во Бутел кој ќе се простира на површина од 8000м2