Министерот за здравство Сашо Клековски го посети Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“ каде што во текот на 2025 и 2026 година се реализирани инвестиции во вредност од над 40 милиони денари преку соработка со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) и сопственото раководење на установата. Со овие средства е набавена нова медицинска опрема и значително се унапредени условите за третман на пациентите и за работа на медицинскиот кадар.
Во рамките на модернизацијата на капацитетите, целосно е реновирана ординацијата за интервенции под општа анестезија, наменета за најранливите категории граѓани од целата држава, вклучувајќи деца и лица со попреченост, деца кои не можат да соработуваат при стандарден преглед, како и пациенти со силен страв од стоматолошки зафати.
Како следен чекор е најавена децентрализација на оваа услуга, со цел третманот да биде поблиску до пациентот. Закажувањето термини се врши секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот на телефонскиот број 075 435 445.
Дополнително, Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и компанијата „Зегин“ донираа опрема во вредност од околу 800.000 денари, со што се потврдува значењето на општествената одговорност и соработката меѓу јавната установа, бизнисот и граѓанскиот сектор во здравството.

