Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, на свечен настан во спортската сала „Наум Наумовски Борче“ (Партизан), додели десет текбол (Teqball) маси наменети за сите основни училишта на територијата на општината. На свеченоста присуствуваа и министерот за спорт Борко Ристовски, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и амбасадорот на Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
Со оваа иницијатива, секое основно училиште во Карпош добива по една специјализирана маса, со цел на учениците да им се овозможи запознавање со модерни спортски дисциплини, унапредување на психомоторниот развој и поттикнување на здрави животни навики уште од најмала возраст.
Во рамките на промотивниот настан, црногорскиот репрезентативец Марко Жарковиќ и Диме Пејчиновски одиграа ревијален натпревар во текбол, преку кој на учениците и присутните им беа демонстрирани правилата и динамиката на овој спорт. Дополнително, беа презентирани и сродните дисциплини текволеј (TeqVolley) и текпонг (TeqPong).
Градоначалникот Лукровски истакна дека општината континуирано вложува во модернизација на спортската инфраструктура и упати благодарност до Текбол сојузот на Црна Гора за поддршката во реализацијата на настанот. Настанот беше заокружен со симболична размена на репрезентативни дресови како потврда за спортската соработка меѓу двете земји, при што градоначалникот Ѓорѓиевски ја поздрави иницијативата како важен чекор за создавање услови за откривање млади спортски таленти.

