Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Иротова Лазарева, заедно со тимот контролори на институцијата спроведе вонредни теренски контроли во Охридско-Струшкиот регион со цел проверка на веродостојноста на пријавените податоци и наменското користење на државните субвенции. Според сумираните резултати, инспекциите на терен откриле сериозни отстапувања помеѓу пријавената состојба во документацијата и реалната состојба на земјоделските стопанства.
Во струшкото село Бичево, при екс-пост контрола на трактор набавен преку Програмата за рурален развој во 2023 година, механизацијата не била затекната во стопанскиот двор ниту на пријавените површини. Иако корисникот има законска и договорна обврска најмалку пет години да ја користи инвестицијата исклучиво за сопствени потреби без отуѓување или давање на трети лица, на терен било утврдено дека тракторот е отстапен на друго лице, а постојат и писмени дојави дека е продаден.
Најголеми неправилности биле констатирани при инспекцискиот надзор кај дел од пријавените пчелари во овој регион. Кај еден од корисниците кој аплицирал за финансиска поддршка за 50 пчелни семејства, контролорите на лице место не затекнале ниту едно пчелно семејство, а дополнителните проверки покажале дека корисникот воопшто не поседува регистарски број на одгледувалиште.
Во друг случај, кај пчелар кој има пријавено вкупно 600 пчелни семејства, теренската контрола утврдила присуство на само 190 семејства со пчели и 10 празни сандаци, додека останатите 400 пријавени пчелни семејства воопшто не биле пронајдени.
Од Агенцијата за финансиска поддршка најавуваат дека засилените контроли пред исплата, по исплата и за време на траењето на договорните обврски ќе продолжат без селективност во сите региони низ државата, со цел заштита на чесните земјоделци и обезбедување наменска распределба на јавните средства за вистинско земјоделско производство.

