Божиновска во посета на ХЕЦ Глобочица: Се подготвува ревитализација на хидроелектраната и пловечка соларна централа на акумулацијата Шпилје

Божиновска во посета на ХЕЦ Глобочица: Се подготвува ревитализација на хидроелектраната и пловечка соларна централа на акумулацијата Шпилје
Сподели:

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Глобочица“, каде заедно со директорот на ХЕЦ „Црн Дрим“, д-р Гоце Божиновски, направи увид во работата на овој клучен енергетски капацитет и ги разгледа плановите за претстојниот голем инвестициски циклус.

ХЕЦ „Глобочица“ во првата половина од 2026 година испорача 120 GWh електрична енергија во системот, што е за речиси 19% повеќе од планираното за овој период. Со овој одличен резултат, централата веќе реализираше околу 80 проценти од своето вкупно годишно планирано производство.

Министерката најави дека ова лето започнува третата фаза од ревитализацијата на ХЕЦ „Црн Дрим“, каде најголемиот дел од инвестициите ќе бидат насочени токму кон „Глобочица“ и соодветната ХЕЦ „Шпилје“. Овие капитални зафати вклучуваат комплетна замена на генератори, ротори, лежишта и блок-трансформатори, како и модернизација на хидромеханичката опрема со цел да се зголеми работниот век и ефикасноста на постројките.

Паралелно со модернизацијата, веќе се разработуваат и идни развојни проекти. Меѓу нив се изградбата на втори фази „Глобочица 2“ и „Шпилје 2“, поставување на пловечка фотонапонска електрана на акумулацијата Шпилје, како и нов дигитален систем за автоматска контрола и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим.

ХЕЦ „Глобочица“ е пуштена во употреба во 1965 година и досега има произведено над 10.500 GWh струја. Преку претходните фази на модернизација нејзината моќност веќе е зголемена од почетните 34,5 на денешните 42,5 MW. Министерката Божиновска порача дека вложувањето во домашните капацитети директно ја намалува зависноста на државата од скап увоз на струја и ја зајакнува енергетската независност.

Асоцијација (08 јули 2026)