Градежен скок во јуни: Издадени 39 проценти повеќе градежни дозволи, ќе се градат 754 нови станови

Градежен скок во јуни: Издадени 39 проценти повеќе градежни дозволи, ќе се градат 754 нови станови
Сподели:

Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика, во јуни се издадени вкупно 296 одобренија за градење, што претставува зголемување од 39 проценти во споредба со истиот месец од претходната година.

Предвидената вредност на објектите според овие одобренија изнесува над над 103,5 милиони евра, што е за 31 процент повеќе во однос на јуни лани.

Анализирано по намена, од вкупниот број издадени дозволи за градење, дури 200 односно 67,6 проценти се наменети за објекти од високоградба. За објекти од нискоградба се издадени 26 одобренија (8,8 проценти), додека 70 одобренија (23,6 проценти) се за проекти за реконструкција.

Гледано по региони, најголем број од одобренијата за градење во овој месец се издадени во Полошкиот Регион, каде што се евидентирани вкупно 70 дозволи.

Податоците за структурата на инвеститорите покажуваат дека кај 218 објекти или 73,6 проценти како инвеститори се јавуваат физички лица. Деловните субјекти се инвеститори на 78 објекти, односно во 26,4 проценти од случаите.

Во извештајниот период за јуни е предвидена изградба на вкупно 754 станови, кои ќе зафаќаат вкупна корисна површина од 64.266 квадратни метри.