Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска испрати порака до сите членки на НАТО преку неговата социјална мрежа „TruthSocial“. Тој изјави дека е подготвен да воведе сериозни санкции кон Русија, но само под услов сите нации од Алијансата да се согласат на истото и целосно да престанат да купуваат руска нафта.
Трамп го критикуваше НАТО поради, како што вели, „шокантното“ купување руска нафта од страна на некои членки. Според него, ова ја ослабува преговарачката позиција на Алијансата со Русија и ја продолжува војната.
„Подготвен сум да тргнам кога и вие ќе бидете. Само кажете кога?“, напиша Трамп, додавајќи дека војната во Украина не би почнала доколку тој бил претседател во тоа време.
Тој, исто така, предложи НАТО да воведе царини од 50% до 100% на Кина, што би се повлекле откако ќе заврши војната. Трамп верува дека овие мерки ќе помогнат во брзото ставање крај на „оваа смртоносна, но смешна војна“.
Претседателот ја заврши својата порака со јасен ултиматум: доколку НАТО ги следи неговите предлози, војната брзо ќе заврши, а животите ќе бидат спасени. Во спротивно, тој смета дека сојузниците само го губат времето, енергијата и парите на Соединетите Држави.