Кина одлучи да воведе специјални пристанишни такси за бродовите поврзани со Соединетите Американски Држави, како директна контрамерка на одлуката на Вашингтон да наметне такви давачки за кинеските пловила од 14 октомври.
Министерството за трговија на Кина денеска соопшти дека овој потег е неопходен чин со цел да се заштитат легитимните права и интереси на кинеските претпријатија и да се одржи рамноправна конкуренција на меѓународниот пазар за бродоградба и транспорт.
Кинеското министерство нагласи дека американската одлука, која произлегува од истрагата „Section 301“ насочена кон кинескиот поморски, логистички и бродоградежен сектор, сериозно ги прекршува правилата на Светската трговска организација (СТО) и го нарушува принципот на еднаквост и взаемна корист од Кинеско-американскиот договор за поморски транспорт.
„Практиката на САД е типичен чин на унилатерализам“, се вели во соопштението.
Откако Вашингтон на 3 октомври ги објави специфичните барања за наметнување такси, Пекинг одлучи дека мора да дејствува.