По повод претставувањето на најновата модна колекција на брендот Weekend Max Mara за сезоната есен/зима 2026 година, под наслов „A Weekend in Ireland“, брендот Good Nature од составот на „Алкалоид АД Скопје“ креираше три посебни чајни мешавини. Инспирирани од автентичните ирски пејзажи и препознатливи дестинации, чаевите се подготвени со внимателно избрани состојки во соработка со модниот бренд.
Оваа необична синергија меѓу природата, традицијата и високата мода се реализираше на покана на групацијата Magnetik, претворајќи ја презентацијата на колекцијата во оригинално сензорно доживување.
Во креирањето на рецептурите и спроведувањето на специјалната дегустација за гостите учествуваше м-р Маја Стефкова, експерт за чаеви и фитотерапија со 25-годишно професионално искуство во компанијата „Алкалоид“. Преку специфичните ароми и вкусови, присутните имаа можност да ги доживеат ирските предели на сосема нов начин.
Со овој проект Good Nature уште еднаш ја потврди својата посветеност кон иновативноста и врвниот квалитет, покажувајќи како премиум фитотерапевтската експертиза може совршено да се вклопи во современите културни и модни настани.

