Општина Карпош започнува со субвенционирање филтри за оџаци

Општина Карпош започнува со субвенционирање филтри за оџаци

Општина Карпош го објави јавниот оглас со кој започнува спроведувањето на акцијата за субвенционирање на граѓаните за купување и инсталирање на нови филтри за оџаци во домаќинствата. Преку оваа мерка, локалната самоуправа ќе покрие 80% од цената за набавка и монтажа на филтерот, но најмногу до 10.000 денари по домаќинство.

Право на учество во оваа акција има секое индивидуално домаќинство - куќа во Карпош, кое за затоплување користи цврсто или течно гориво, под услов филтерот да биде купен и монтиран по објавувањето на огласот.

За остварување на правото на субвенција, сопствениците на имотите треба да достават пополнето барање, имотен лист, фотокопија од лична карта и трансакциска сметка, сертификат за квалитет на филтерот од производителот, како и нотарски заверена изјава со која се обврзуваат да го користат и одржуваат филтерот најмалку пет години. Покрај ова, задолжително се приложува и фискална сметка или фактура издадена по започнувањето на акцијата.

Барањата со комплетна документација се поднесуваат во архивата на Општина Карпош. Акцијата трае 60 дена од денот на нејзиното објавување или до исцрпување на предвидените финансиски средства, а финансиските поддршки ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“. По поднесувањето, апликантите писмено ќе бидат известени за исходот од нивното барање.