Општина Кавадарци започна со изградба на нов мост во селото Марена

Општина Кавадарци започна со изградба на нов мост во селото Марена

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека започнаа градежните активности за изградба на нов и современ мост преку реката Луда Мара во селото Марена. Проектот официјално стартуваше со уривањето на постојната стара конструкција, со цел да се изгради побезбедна и пофункционална сообраќајница која ќе обезбеди подобри услови за сите учесници во сообраќајот и мештаните.

Реализацијата на овој инфраструктурен зафат е поддржана со средства од Министерството за транспорт во износ од 12 милиони денари.

Според проектот, новиот мост во село Марена ќе биде целосно проширен и прилагоден на современите сообраќајни стандарди. Тој ќе содржи две сообраќајни ленти за возилата, уредени тротоари за пешаците од двете страни, додека вкупната ширина на мостната конструкција ќе изнесува 8,5 метри.

Од Општина Кавадарци нагласуваат дека со овие активности продолжуваат интензивните вложувања во локалната инфраструктура, со цел подобрување на квалитетот на живот и зголемување на безбедноста во сите населени места во регионот.