Царинската управа во октомври повторно забележа рекордна наплата на приходи, соопшти директорот Бобан Николовски.
Во државниот Буџет се слеани 12,05 милијарди денари (околу 196 милиони евра), што претставува зголемување од 11,4 милиони евра споредено со истиот период лани.
Според Николовски, најзначаен раст е регистриран во наплатата на приходите од царина, кои бележат зголемување од импресивни 16,6 проценти.
Како причини за ваквите високи резултати, тој ги истакна засилените контроли, поголемата институционална соработка и партнерскиот однос со компаниите. Приходите од наплата на давачки при увоз на возила се зголемени за 11 проценти.
„Од почетокот на годинава, заклучно октомври, наплативме приходи од 1,77 милијарди евра, за 89,4 милиони евра повеќе споредбено со лани.“ - изјави Николовски.
Царинската управа интензивно работи и на спречување на криминалот. Заклучно со октомври, Управата поднела вкупно 174 кривични пријави. Од нив, 89 кривични пријави се однесуваат на сторени кривични дела поврзани со возила.