ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра

ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги објави резултатите од дводневната анкета спроведена меѓу работниците и граѓаните, која јасно ја отсликува потребата од драстично зголемување на минималната плата во земјата.

Со репрезентативен примерок од 1.613 испитаници, анкетата спроведена на 11 и 12 ноември, покажува дека огромното мнозинство работници бараат минималната плата да биде во опсег од 600 до над 700 евра.

На прашањето колку треба да изнесува минималната плата, 45,2% од испитаниците сметаат дека таа треба да се зголеми на 600 евра, додека 42% одговориле дека износот треба да биде над 700 евра. Само 12,8% сметаат дека минималната плата треба да изнесува 500 евра. Потребата за итност е нагласена со фактот што дури 99,5% од анкетираните бараат минималната плата да се зголеми до крајот на тековната година.

ССМ преку анкетата утврдил и висока подготвеност за синдикална акција доколку не се исполни нивното барање. Доколку не дојде до зголемување, 52,8% од испитаниците се подготвени да протестираат, а 47,2% се спремни да штрајкуваат. Заклучокот на синдикатот е дека сите испитаници сметаат дека треба да се преземат и протести и штрајкови.

Во своето соопштение, ССМ заклучува дека барањето за раст на минималната плата не е желба на поединци, туку неопходна потреба на работниците во Македонија. Оваа анкета ќе послужи како основа за идните активности на ССМ во преговорите со социјалните партнери.

Следете ги најновите вести на Viber
ССМ спроведе анкета: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра