Во првите три квартали од оваа година, „Макпетрол“ АД Скопје и подружниците остварија позитивни финансиски резултати, и покрај ценовниот шок на светските берзи предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток и притисоците од домашната регулатива.
Заклучно со крајот на септември, компанијата забележа консолидирана добивка пред оданочување од околу 14,69 милиони евра, што претставува намалување од 10,13 проценти во споредба со истиот период лани кога добивката изнесувала околу 16,26 милиони евра.
Консолидираната добивка по оданочување за првите девет месеци изнесува околу 13,68 милиони евра. Кон позитивниот финансиски резултат придонеле сите компании, со исклучок на Телевизија Телма која работела со загуба, додека намалувањето на вкупната добивка во најголем дел се должи на падот на профитабилноста кај матичното друштво „Макпетрол“ АД Скопје.
Вкупните консолидирани приходи во текот на 2026 година достигнаа околу 491,87 милиони евра, што е зголемување за околу 110,89 милиони евра, односно раст од 29,11 проценти во однос на претходната година. Најголем удел во структурата имаат приходите од продажба, од кои 91,22 проценти се остварени на домашниот пазар, а 7,25 проценти преку извоз на млазно гориво.
Малопродажните приходи забележаа раст од 22,28 проценти, поттикнати од зголемениот промет на дополнителниот асортиман за 13,77 проценти и растот на количествениот промет со деривати за 0,72 проценти, додека големопродажниот сегмент порасна за 81,68 проценти.
На расходната страна, вкупните консолидирани расходи изнесуваат околу 477,07 милиони евра, што претставува пораст од 30,87 проценти на годишно ниво. Ова зголемување во најголем дел произлегува од повисоките трошоци за набавна вредност на трговските стоки, кои пораснале за 34,51 проценти, како и од растот на трошоците за вработени за 7,85 проценти.
Од компанијата посочуваат дека ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран и загрозувањето на Ормутскиот теснец предизвикале остар скок на влезните цени, додека одлуките на Регулаторната комисија за енергетика дополнително го оптовариле работењето. Како особено штетни се издвојуваат методологијата за пресметка на малопродажните цени базирана на петдневен просек, поради која трговците биле принудени да продаваат горива под набавната цена, како и намалувањето на признатиот трошок за работење преку склад за 30 проценти, на ниво од 1,20 денари за литар.
И покрај предизвиците, компанијата ја задржа лидерската позиција на пазарот и навремено ги сервисираше обврските кон акционерите. Согласно одлуката од Собранието на акционери одржано на 26 мај 2026 година, на 31 август започна исплатата на дивидендата за 2025 година која изнесува 4.620 денари бруто по акција.

