Предлог-буџетот за 2027 година е насочен кон обезбедување стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поддршка на економскиот раст, со силен фокус на развојните инвестиции и редовното сервисирање на обврските кон граѓаните. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето експозе при образложувањето на Предлог-буџетот пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари (околу 6,43 милијарди евра), што претставува раст од 5,7 проценти во однос на 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари (околу 7,16 милијарди евра), односно раст од 4,8 проценти. Буџетскиот дефицит е утврден на ниво од 45 милијарди денари (околу 731,7 милиони евра) или 3,5 проценти од БДП, а за капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари (околу 663,4 милиони евра).
Согласно макроекономските проекции, во 2027 година се очекува економски раст од 3,8 проценти, предводен од домашната побарувачка и засилената инвестициска активност. Бруто-инвестициите се проектирани да забележат реален раст од 6,8 проценти, приватната потрошувачка 2,5 проценти, а јавната потрошувачка умерен раст од 1,1 процент. Кај надворешнотрговската размена се предвидува раст на извозот за 5,8 проценти и на увозот за 5,2 проценти, додека просечната инфлација е проектирана на 3,2 проценти. На пазарот на труд се очекува раст на вработеноста за 1,2 проценти и зголемување на просечната нето-плата за 6,7 проценти.
На приходната страна, даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари (околу 3,63 милијарди евра), што е пораст од 6,4 проценти. Од нив, 42 милијарди денари (околу 682,9 милиони евра) се очекуваат од данокот на личен доход, 27,5 милијарди денари (околу 447,2 милиони евра) од данокот на добивка и 31,9 милијарди денари (околу 518,7 милиони евра) од акцизи. Социјалните придонеси се планирани на 133,8 милијарди денари (околу 2,18 милијарди евра), неданочните приходи на 30,5 милијарди денари (околу 495,9 милиони евра), а донациите на 5 милијарди денари (околу 81,3 милиони евра). Министерката нагласи дека наплатата ќе се зајакнува преку дигитализација и сузбивање на неформалната економија, без воведување дополнителен товар за граѓаните и стопанството.
Во рамките на вкупните расходи од 440,4 милијарди денари, за исплата на плати во јавниот сектор се проектирани околу 57,2 милијарди денари (околу 930,1 милиони евра), додека за стоки и услуги се предвидени 27,8 милијарди денари (околу 452 милиони евра). За редовна исплата на пензиите се обезбедени 123,8 милијарди денари (околу 2,01 милијарди евра), со вклучено законско усогласување.
За надоместоци за социјална заштита на најранливите категории се предвидени околу 14,3 милијарди денари (околу 232,5 милиони евра), за паричен надоместок при невработеност 1,5 милијарди денари (околу 24,4 милиони евра), а за активни мерки за вработување 2,9 милијарди денари (околу 47,2 милиони евра). За здравствена заштита преку Фондот за здравствено осигурување се планирани 58,7 милијарди денари (околу 954,5 милиони евра), додека трансферите до општините изнесуваат околу 36 милијарди денари (околу 585,4 милиони евра).
Капиталните расходи од 40,8 милијарди денари се насочени кон инфраструктурни проекти на Коридорите 8 и 10д, автопатските делници Кичево-Букојчани, Кичево-Охрид и Скопје-Блаце, модернизација на железницата и изградба на заедничкиот железнички премин Табановце. Воедно, предвидена е обнова на товарниот возен парк на Железници - Транспорт, вложувања во високото образование на УКИМ, реконструкција на студентски домови, училишта и спортски сали, енергетска ефикасност, системи за наводнување, пречистителни станици и продолжување на проектот за брз автобуски превоз во Скопје.
Финансирањето на буџетскиот дефицит од 45 милијарди денари и отплатата на достасаните обврски, меѓу кои и Еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година, ќе се обезбедуваат на домашниот и меѓународниот финансиски пазар, согласно Фискалната стратегија 2027-2031.

