Во текот на октомври, Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реализираше засилени теренски акции за сузбивање на бесправната сеча, транспортот и нелегалната трговија со дрвна маса. Како резултат на спроведените контроли, запленети се вкупно 734 кубни метри дрва и поднесени се 147 прекршочни и кривични пријави против сторителите.
Во структурата на одземената дрвна маса најголем удел имаат дабот и буката, при што се запленети 288 кубни метри дабово дрво и 274 кубни метри буково дрво. Дополнително, одземени се 121 кубен метар техничко дрво (трупци) и 51 кубен метар мешано дрво.
Покрај дрвната маса, при контролите на терен привремено се одземени 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили. Од вкупниот број поднесени пријави, 122 се прекршочни пријави доставени до надлежните судови, додека 25 се кривични пријави поднесени до Основното јавно обвинителство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, порача дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период и дека институциите одлучно ќе постапуваат против секоја незаконска активност со која се уништува шумскиот фонд, најавувајќи одговорност како за оние кои вршат бесправна сеча, така и за препродавачите на нелегално дрво.

