Нов модел на автобус ќе се произведува во Скопје: ВДЛ Бус Македонија ќе отвори 150 нови работни места во ТИРЗ

Нов модел на автобус ќе се произведува во Скопје: ВДЛ Бус Македонија ќе отвори 150 нови работни места во ТИРЗ
Сподели:

Компанијата ВДЛ Бус Македонија започнува со третата фаза од својот инвестициски циклус, во рамките на која ќе започне производство на целосно нов модел на автобус во фабриката во ТИРЗ Скопје 2. Оваа нова развојна фаза беше во фокусот на денешната средба меѓу директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, и генералниот директор на ВДЛ Бус Македонија, Аврам Стојчевски. Новиот инвестициски чекор ќе тежи повеќе од 5 милиони евра, а со проширувањето на производствените капацитети планирано е отворање на 150 нови, висококвалификувани работни места во зоната Бунарџик.

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, потенцираше дека растот и проширувањето на капацитетите на компаниите кои веќе работат кај нас е најсилен доказ за квалитетот на деловната клима во Македонија. Тој нагласи дека Дирекцијата останува посветен партнер кој преку брза институционална поддршка активно ќе ги следи потребите на инвеститорот со цел третата фаза да се реализира без никакви пречки. На средбата беше детално разгледан оперативниот план за воведување на новата линија за склопување на новиот модел на автобуси.

Ова проширување доаѓа по големата трансформација на компанијата, која во април годинава официјално го промени своето име. Како дел од поширокиот процес на реструктуирање, претпријатието кое претходно беше познато под името ВДЛ Ван Хоол Македонија, од април продолжи да работи како ВДЛ Бус Македонија. Оваа промена го означи почетокот на новата развојна стратегија на групацијата во земјава, насочена кон модернизација и зајакнување на конкурентноста. Новиот проект за производство на нов автобус се очекува не само да го зголеми извозот од зоните, туку и да донесе нови современи технологии и знаења за домашниот кадар.