Нулта толеранција за измами со ЕУ фондовите: Владата ја усвои Стратегијата 2026-2030

Нулта толеранција за измами со ЕУ фондовите: Владата ја усвои Стратегијата 2026-2030
Сподели:

Владата на последната седница ја усвои новата Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската Унија во земјава, која го опфаќа периодот од 2026 до 2030 година. Со овој стратешки документ се зајакнува законската, институционалната и оперативната рамка за превенција, откривање, истрага и санкционирање на какви било неправилности при користењето на европските пари.

Стратегијата е подготвена согласно обврските од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола. Ова поглавје ги регулира јавната внатрешна финансиска контрола, надворешната ревизија, заштитата на финансиските интереси на ЕУ и заштитата на еврото од фалсификување. Главната цел е да се подигне нивото на дисциплина, одговорност и транспарентност при трошењето како на европските, така и на домашните буџетски средства.

Документот е плод на заедничка работа на Одделението за координација на борба против измами на ЕУ средствата (АФКОС) при Министерството за финансии, домашната институционална АФКОС мрежа, телата кои управуваат со ЕУ фондовите во земјава и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

Спроведувањето на оваа стратегија ќе се фокусира на четири клучни столба. Првиот се однесува на превенцијата преку воспоставување на поефективни мерки за спречување на неправилности уште во почетна фаза. Вториот столб опфаќа подобрување на дигиталните и оперативните алатки за навремено откривање и воочување сомнежи за измама. Како трет сегмент е обезбедувањето брз и соодветен третман на пријавените случаи при истрагата и гонењето, додека четвртиот столб е насочен кон зајакнување на капацитетите за брз поврат на средствата, изрекување одвраќачки казни и воведување соодветни финансиски корекции во случај на злоупотреби.

Првата ваква национална стратегија во земјава беше донесена во 2019 година, а со новата верзија за периодот 2026–2030 година уште посилно се промовира принципот на „нулта толеранција“ за каков било обид за финансиски малверзации со фондовите на ЕУ.