ФЗО воведува построги контроли за лажните боледувања, рецептите за лекови ќе важат и после полноќ

ФЗО воведува построги контроли за лажните боледувања, рецептите за лекови ќе важат и после полноќ
Сподели:

Фондот за здравствено осигурување започна обемен процес на системски измени со цел воспоставување редовна и предвидлива исплата на надоместоците за боледување и породилно отсуство, унапредување на медицинските критериуми, поедноставување на административните процедури за пациентите и зајакнување на контролните механизми против злоупотреби. Ова беа клучните пораки што ги упати директорот на ФЗО, Златко Перински, за време на денешниот медиумски брифинг посветен на тековните резултати и новите приоритети во работењето на оваа институција.

Во рамките на финансиските извештаи за август 2026 година, Фондот исплати вкупно 623 милиони денари по основ на надоместоци за спреченост за работа, од кои најголемиот дел, односно 414 милиони денари, беа наменети за породилни надоместоци. Средствата беа обезбедени преку активно управување со ликвидноста и забрзана наплата на заостанатите побарувања по основ на придонеси. Од раководството на Фондот истакнуваат дека целта е уредно комплетираните предмети за претходниот месец редовно да се исплаќаат во текот на наредниот, со што навремената исплата ќе стане постојано правило наместо исклучок.

Паралелно со финансиската стабилизација, Фондот подготви предлог-измени за утврдување и контрола на привремената спреченост за работа, кои наскоро ќе се најдат пред Управниот одбор. Со новите правила се предвидува избраниот лекар, врз основа на сопствена медицинска проценка, да може да отвора боледување до пет дена без примена на дополнителни критериуми, наместо досегашните седум дена.

Истовремено се уредуваат надлежностите на лекарските комисии, се проширува можноста за остварување право без физичко присуство на осигуреникот каде што е оправдано и се воведуваат засилени теренски и заеднички контроли за спречување на неоправданото користење на боледувањата.

На брифингот беа презентирани и најновите податоци за биомедицински потпомогнато оплодување, при што од вкупно 1.883 разгледани барања, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид. ФЗО врши анализа за поинакво структурирање на БПО пакетите со цел поголемо финансиско покривање во првичните обиди каде што е поголема успешноста, без притоа да се крати правото на вкупно шест обиди на товар на Фондот.

Дополнително, во завршна фаза е и иницијативата за продолжување на рокот на рецептите издадени од дежурните служби при итен преглед, со што нивното важење наместо до полноќ ќе се продолжи на 24 часа, а се разгледуваат и можности за трајно заштитување на здравственото осигурување на децата до 18 години независно од статусот на нивните родители.