Министерот за транспорт, Александар Николоски, преку својот официјален профил испрати порака дека Владата води долгорочна политика фокусирана на инвестиции во крупни, стратешки и капитални проекти кои обезбедуваат економски напредок и енергетска независност на земјата.
Како клучен показател за позитивниот економски тренд, Николоски го посочи континуираниот раст на градежниот сектор, кој веќе 18 месеци по ред бележи позитивни резултати. Тој истакна дека изминатата седмица била одбележана со реализација и започнување на повеќе стратешки инвестиции, меѓу кои се новата когенеративна централа, изградбата на најголемиот ветерен парк во регионот, како и целосно реконструираниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Вицепремиерот подвлече дека овие капитални вложувања не претставуваат само физички објекти, туку директна инвестиција во создавање нови работни места, зајакнување на енергетската сигурност, подобра инфраструктурна поврзаност и зголемување на конкурентноста на македонската економија на долг рок.

