Заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан, го посети македонскиот штанд во рамките на свеченото отворање на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, каде што оствари средба со македонскиот државен секретар, Јовица Палашевски.
За време на посетата, високиот домаќин се запозна со богатството и разновидноста на македонското културно наследство, претставено преку фолклорни поставки, археолошки артефакти и современи книжевни дела. Посебен интерес кај високиот гостин предизвикаа автентичните историски ракописи, стари повеќе од 600 години, кои сведочат за вековната традиција и длабоките културни врски со арапскиот свет.
Во текот на куртоазниот разговор беше изразен заемен интерес за унапредување на билатералната соработка и интензивирање на политичкиот дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Притоа, од македонска страна беше упатена благодарност до ОАЕ за поддршката овозможена за учество на овој значаен меѓународен саем.
Учеството на земјата на саемот во Абу Даби е реализирано во рамките на специјалната програма посветена на балканската култура. Ова претставување придонесува за поголема меѓународна видливост на македонската книжевност и отвора можности за конкретна соработка во областа на издаваштвото, преведувачката дејност и културната размена.

