Меѓународната железничка станица во Скопје ќе добие целосна реконструкција и нов модерен лик. Проектот за проектирање на обновата денеска беше официјално најавен како заедничка соработка меѓу ЈП Македонски железници Инфраструктура, Архитектонскиот факултет и Градежниот факултет.
Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, истакна дека реконструкцијата ќе се реализира со посебен акцент на зачувување на основниот изглед на објектот, кој е направен според проектот на прочуениот архитект Кензо Танге, но ќе бидат додадени нови современи и модерни архитектонски елементи.
„Заедно со Архитектонскиот и Градежниот факултет ќе се направи Основен проект за целосна реконструкција со посебен акцент на зачувување на основиот изглед направена по проектот на Кензо Танге, но притоа со нови современи и модерни елементи во архитектурата,“ изјави директорот Ивановски.
Ивановски потенцираше дека новата железничка станица треба да биде пуштена во употреба истовремено со брзата пруга на Коридор 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје. Тој најави дека проектирањето нема да биде избрзано и ќе трае најмалку една година, со цел да се добие проект со фази кој треба да трае во следните 50 до 100 години.
Финансирањето ќе се бара од државниот буџет, заеми од ЕБРД или ЕИБ, при што не се исклучува можноста станицата да влезе во рамките на стратешко партнерство со Велика Британија.
Деканите на факултетите ја поздравија соработката, нагласувајќи го значењето на проектот. Деканот на Архитектонски факултет, проф. д-р Анета Христова Поповска, посочи дека целта е Транспортниот центар да се претвори во „социјален хаб“ кој ќе претставува додадена вредност за градот. Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, истакна дека нивното учество е гарант за квалитетот на работите и обезбедување на сите европски стандарди.