Владата ја раскина концесијата за рудникот „Пискупштина“ во Струга поради незаконско експлоатирање

Владата ја раскина концесијата за рудникот „Пискупштина“ во Струга поради незаконско експлоатирање
Сподели:

Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Ова доаѓа како дел од засилените мерки на Владата против несовесното и незаконско користење на природните ресурси.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, нагласи дека Владата нема да толерира незаконско експлоатирање и дека заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е врвен приоритет.

Во случајот „Пискупштина“, одлуката за раскинување е донесена откако инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за енергетика и рударство утврдил дека концесионерот вршел експлоатација надвор од границите на дозволеното поле. Ова претставува директно и сериозно прекршување на договорот и законот, потврдено по жалби од жителите на селото Пискупштина.

Ова е втор случај на еднострано раскинување на концесија за само неколку недели, со што се испраќа јасна порака до сите концесионери. Претходно беше раскината и концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.

За „Лавинчеви“, раскинот е поради долгогодишен прекин на активностите. Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% (односно 25.000 тони годишно) и не исплатила концесиски надоместок во период од три години.

Покрај овие два случаја, Владата констатирала и престанок на важењето на уште четири концесии поради истечен рок.

„Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, истакна министерката Божиновска.