Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Гоце Димовски, оствари работна посета на капацитетите на германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2. За време на посетата, Димовски одржа средба со менаџментот на компанијата и изврши обиколка на производствените погони, при што се разговараше за тековните оперативни активности, идното проширување и можностите за дополнително унапредување на меѓусебната соработка.
За време на разговорите, Димовски истакна дека општествено одговорните и технолошки напредните компании како „Гересхајмер“ имаат клучна улога во позиционирањето на земјата како привлечна дестинација за странски директни инвестиции. Тој додаде дека Дирекцијата за ТИРЗ останува посветена на одржување континуиран дијалог со сите инвеститори со цел навремено адресирање на нивните потреби и создавање услови за одржлив стопански раст.
Претставниците на менаџментот на „Гересхајмер“ ги презентираа постигнатите резултати и го изразија своето задоволство од досегашното партнерство со институциите. Менаџерите нагласија дека предвидливата деловна средина и стабилната институционална поддршка што ја нуди ТИРЗ се меѓу пресудните фактори за одржување на висока оперативна ефикасност.
Инаку, компанијата „Гересхајмер“ на почетокот од годинава започна со редовно производство на специјализирано медицинско стакло во својот нов, втор производствен погон во ТИРЗ Скопје 2. Од Дирекцијата за ТИРЗ порачаа дека продолжуваат со активностите за унапредување на деловната клима, што треба да поттикне нови странски вложувања и реинвестирање на веќе присутните компании во зоната.

