Шумската полиција спроведе засилени теренски акции против нелегалната сеча на целата територија на државата, при што во текот на септември и почетокот на октомври се запленети над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и се поднесени 140 пријави.
Во рамките на овие контроли привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за вршење на незаконската сеча и за превоз на дрвата.
Активностите се одвиваат паралелно со редовните секојдневни контроли, со посебен фокус на подрачјата каде што е забележано делување на организирани групи дрвокрадци. Инспекциите се насочени кон сузбивање на нелегалното снабдување со дрва на населението и на производствените капацитети, со што се спречува нанесувањето значителна штета врз националниот шумски фонд.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, истакна дека засилените акции ќе продолжат и во наредниот период, нагласувајќи дека Шумската полиција ја има целосната поддршка од Министерството да постапува одлучно против сите облици на незаконска сеча, транспорт и трговија со дрва.
Во пресрет на грејната сезона, од Министерството апелираат до граѓаните да набавуваат огревно дрво исклучиво од лиценцирани продавачи и складови, со што директно се придонесува кон заштита на шумите, и ги повикуваат сите сомнежи за нелегални активности да ги пријавуваат до надлежните органи.

