Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во август се регистрирани вкупно 244.513 туристи, кои оствариле над 934 илјади ноќевања во Македонија.
Од вкупниот број туристи во август, 46,4 проценти биле домашни, додека 53,6 проценти отпаѓаат на странски гости. Во однос на ноќевањата, 70,8 проценти се остварени од домашните туристи, а 29,2 проценти од странските посетители.
Податоците за првите осум месеци од годината покажуваат постојан раст на туристичкиот сектор. Во периодот јануари - август 2026 година, во споредба со истиот период лани, вкупниот број на туристи е зголемен за 3 проценти. Притоа, кај домашните туристи е забележан раст од 2,8 проценти, додека кај странските има зголемување од 3,2 отсто.
Зголемување е регистрирано и кај вкупниот број ноќевања за 3,7 проценти, при што домашните туристи оствариле зголемување од 2,2 проценти, а странските забележале пораст од 5,7 проценти.
Во однос на земјите на потекло на странските туристи во август, најголем број посетители биле од Турција (45.747 туристи), Србија (13.166 туристи), Романија (7.457 туристи) и Германија (7.324 туристи).

