Во претстојната реколта се очекува откуп на околу 28 милиони килограми тутун: Министерот за земјоделство во посета на Прилеп

Во претстојната реколта се очекува откуп на околу 28 милиони килограми тутун: Министерот за земјоделство во посета на Прилеп

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Прилеп оствари работна средба со претставници на Сојузот на земјоделски здруженија на тутунопроизводители и регистрираните откупувачи на тутун, посветена на подготовките за претстојната откупна реколта. За време на состанокот се изнесени првичните проценки според кои годинава се очекува да бидат откупени околу 28 милиони килограми тутун.

За време на разговорите е нагласено дека навремената координација меѓу сите засегнати страни - производителите, откупувачите и ресорното министерство е од клучна важност за ефикасно и организирано спроведение на откупниот процес, целосно почитување на договорените обврски и соодветно вреднување на трудот на тутунарите.

Оваа средба е дел од континуираниот дијалог што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го одржува со сите учесници во тутунскиот сектор за да се обезбеди предвидливост и стабилност на пазарот.

Од Министерството порачаа дека активно и преку теренски инспекции ќе го следат целиот тек на откупот, при што во рамките на своите законски надлежности ќе интервенираат за да се гарантира заштитата на правата на земјоделците и доследната примена на законските прописи.