Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа по тричасовната средба со неговиот француски колега Емануел Макрон во Елисејската палата во Париз, соопшти значајна вест за Белград – српската престолнина конечно ќе добие метро.
Како што најави Вучиќ, на 15 декември Србија ќе го потпише конечниот комерцијален договор за изградба на првата линија на белградското метро со француската компанија „Алстом“.
Се очекува првата линија на метрото да биде готова за две до три години.
Вучиќ ја оцени средбата како исклучително важна и суштинска, нагласувајќи дека разговарале за сите стратешки теми, вклучувајќи го европскиот пат на Србија, билатералните односи, како и соработката во областа на вештачката интелигенција.
Српскиот претседател изрази уверување дека во следната година може да се постигне значителен напредок во европските интеграции на Србија.
Најавена е и набавка на суперкомпјутер од Франција, кој ќе биде единствен од таков вид во Југоисточна Европа.
Трговската размена меѓу двете земји за првпат оваа година се очекува да надмине две милијарди евра.