ПРАЗНИ КИНА ИЛИ ПРОМЕНА НА НАВИКИТЕ? Бројот на проекции бележи пад во 2025 година

ПРАЗНИ КИНА ИЛИ ПРОМЕНА НА НАВИКИТЕ? Бројот на проекции бележи пад во 2025 година

Најновите податоци на Државниот завод за статистика откриваат загрижувачки тренд во македонската кино-култура, каде бројот на прикажани филмски претстави во 2025 година е намален за значителни 12,9% во споредба со претходната година.

И покрај тоа што во земјата се активни 17 кина кои прикажале вкупно 922 филмови низ 12.057 претстави, сепак публиката се чини дека станува сè поселективна. Во текот на годината, вкупно 299.560 посетители решиле да го поминат своето слободно време пред големото платно, што ги става кината пред сериозен предизвик за привлекување на нова публика и запирање на негативниот тренд.

Анализата по градови покажува дека Скопје и понатаму доминира во културниот живот, но со огромни разлики меѓу општините. Општина Карпош е апсолутен лидер со 246.380 посетители, што претставува повеќе од 80,0% од вкупниот број на кино-публика во целата држава.

Во Центар и покрај големиот број на прикажани филмови, публиката е значително помала, додека во Општина Кисела Вода се регистрирани нешто над осум илјади посетители. Овие бројки укажуваат на тоа дека модерните мултиплекс кина лоцирани во големите трговски центри стануваат примарна дестинација за љубителите на седмата уметност, додека традиционалните кина губат здив.

Надвор од главниот град, Битола се издвојува како најсилен филмски центар со близу 25.000 посетители, веднаш пред Штип и Велес кои исто така успеваат да задржат солидно ниво на посетеност. Сепак, сликата во внатрешноста на Македонија е во најмала рака поразителна. Градови како Куманово во статистичкиот извештај не регистрирале ниту една претстава или посетител, додека во Гевгелија и Струга бројката на кино-публика е речиси симболична.

Асоцијација (03 јуни 2026)