Градежната активност во станбениот сектор во текот на 2025 година бележи стабилен интензитет, при што деловните субјекти и индивидуалните сопственици заедно изградиле вкупно 6.251 стан во државата, покажуваат најновите споредени податоци на Државниот завод за статистика. Сепак, статистиката открива огромни разлики во начинот на кој градат граѓаните за сопствени потреби, напроти градежните компании кои инвестираат во колективни станбени згради за продажба на пазарот.
Кога станува збор за приватната иницијатива, односно објектите градени индивидуално, граѓаните како сопственици во текот на ланската година реализирале градежни работи со вкупна вредност од околу 263,7 милиони евра (16,2 милијарди денари). Во овој сегмент се граделе вкупно 2.113 објекти, при што се завршени 2.518 станови со вкупна површина од 320.404 квадратни метри. Во овие бројки се вклучени и 92 станови во викенд-куќи со корисна површина од 11.114 квадратни метри. Она што е специфично за индивидуалната градба е пространоста, па така просечната корисна површина на овие станови изнесува 127,3 квадратни метри, а како главно јадро на овој тип градба се издвојува Полошкиот Регион.
Од друга страна, градежните компании и деловните субјекти лани завршиле далеку поголем број на станбени единици, но со значително помала квадратура. Компаниите извршиле градежни работи вредни 723,8 милиони евра (44,5 милијарди денари), подигнувајќи вкупно 1.852 објекти. Во нив се комплетирани 3.733 станови со вкупна површина од 280.644 квадратни метри, од кои огромно мнозинство или 3.677 единици веќе преминале во индивидуална сопственост на купувачите. Кај деловните субјекти, просечната корисна површина на еден стан изнесува 75,2 квадратни метри, што одговара на класичен пазарен стан, а најголем дел од овие инвестиции се концентрирани во Скопскиот Регион.







